На локалитетот „Косто бачило“, во Националниот парк Галичица, на површина од околу 90 хектари се наоѓа репродуктивниот центар за европски елен. Во моментот таму живеат 100-тина единки, а дел од стадото планирано е да биде пуштано надвор од оградениот простор.
Мажјаците (елени) имаат силно развиени рогови. Женките (кошути) се собираат во крда кои ги предводи доминантна женка. Живеат во листопадни шуми и планински предели, а како тревопасни животни најчесто пасат на шумските ливади и ги брстат лисјата од дрвјата и грмушките. Нивната реинтродукција во Паркот придонесува за одржување на високопланинските пасишта и спречување на сукцесивните процеси.
Во рамки на репродуктивниот центар изградена е потребната инфраструктура. Има објект за складирање на храна (зрнеста и кабаста) со која континуирано преку цела година вршиме прихрана на елените. Во објектот има и просторија за вработените, кои го опслужуваат репродуктивниот ценатар. Изградени се десетина хранилки, голема локва/поилиште за вода и шест двотонски цистерни за складирање на вода. Репродуктивниот центар има и мал внатрешно ограден простор кој е потребен за одвојување на единки кои од него ќе се пуштаат во дивина, како и целосна покриеност со видео надзор.
Елените не се пуштаат за ловни активности, туку само за управување со високопланинските пасишта, кои поради намален обем на сточарството во изминатите години се пораснати, а нивната биомаса е значително зголемена што претставува опасност од пожари на отворено.
Редовното напасување од големите стада овци, но и косењето на тревата, како и повременото палење на пасиштата, создале вреден екосистем со исклучителна биолошка разновидност и особени пределски вредности. Одржувањето на овој екосистем е возможно само со негово активно управување, односно користење без разлика дали тоа ќе се обезбеди со домашна стока или со здрава популација на диви тревопасни животни
Во овој процес, можеме да очекуваме значаен дел од живеалиштата, во долг временски период да се променат и да изгубат дел од својата биолошка разновидност и пределските вредности кои ги поседуваат. Бидејќи не е реално да очекуваме сточарството да стане повторно атрактивно, особено не стариот традиционален начин, Јавната установа Национален парк Галичица преку повторно внесување на европскиот елен, се обидува да обезбеди активно управување со овие екосистеми. Со тоа, ќе се зачувува барем еден дел од овој вреден екосистем.
Дополнително, зголеменото присуство на елени во природата на паркот и можноста да се набљудуваат во дивина значително ќе ја зголеми атрактивноста и ќе го зголеми бројот на посетители. Со тоа ќе придонесеме кон зголемувањето на свеста за потребата од заштита на природното наследство кое го поседуваме.