Полноглавчест рак (Triops cancriformis) познат и како жаброног рак, може да се најде во Европа, на Блискиот Исток и во Јапонија. Овој рак се смета за еден од најстарите живи видови на планетата, чија старост се проценува на околу 500 милиони години. Се работи за своевиден природен феномен на најстар животински вид што се појавил 300 милиони години пред диносаурусите. Фосили од овој вид се регистрирани во периодот на доцниот тријас и тие речиси се непроменети во однос на нивниот денешен изглед.
Полноглавчестиот рак има многу брз животен циклус и единките достигнуваат полна зрелост за околу две недели откако ќе се изведат. Горниот дел од телото на некои од овие видови скоро целосно е прекриен со засводена хитинска плоча што придонесува за нивниот архаичен изглед. Други пак повеќе наликуваат на мали школки, каде телото им се наоѓа помеѓу две школки во вид на капак, а трети пак се со сосема голо и незаштитено тело. На себе имаат невообичаено многу екстремитети во облик на листови, кои освен за движење имаат улога и во дишењето. На секој екстремитет се наоѓаат и голем број на влакненца низ кои се филтрираат хранливите честички од водата, а имаат и значајна улога во исхраната на овие организми. Во затворени услови најчесто достигнуваат должина до 6 см, а во дивината и до 11 см. Тие преживуваат на многу ниски температури, при долготрајни суши, па дури и пожари.