Проект StrategyMedFor – Одржливо управување со медитеранските шуми
Проектот StrategyMedFor обединува седум партнери од шест земји во рамките на областа на Interreg програма (вклучувајќи две ИПА земји), како и придружени партнери од шумарскиот сектор на Европската унија и на меѓународно ниво. Проектот ја поддржува Мисијата 2 на програмата Interreg Euro-MED, насочена кон заштита, обнова и валоризација на природната средина и природното наследство.
Главен фокус на проектот се медитеранските шумски екосистеми, а неговата примарна цел е развој на Стратегија за одржливо управување со медитеранските шуми (SSMMF). Оваа стратегија ќе биде усогласена со различните типови медитерански шуми и прилагодена на актуелните и идните климатски сценарија во регионот.
Проектот се заснова на иновативна употреба на современи технологии и на интеграција на различни извори на податоци од медитеранското подрачје – комбинирајќи просторни и геоинформациски податоци, далечинско снимање и климатско моделирање – за да се обезбеди научна основа за развој на стратегијата.
Создадената стратегија ќе претставува референтен документ за наредните десет години, релевантен за Европската унија и медитеранскиот регион. Таа ќе понуди научно засновани препораки и насоки за заштита, обнова и одржливо користење на шумите, со цел зголемување на нивната отпорност на климатските промени.
Во рамките на проектот се развиваат специфични алатки – како тематски карти со податоци во реално време и системи за идентификација на приоритетни подрачја за дејствување – кои ќе придонесат кон поголема одржливост и ефикасност на управувачките мерки на регионално, национално и локално ниво.
Партнерите се обврзуваат на практична примена на резултатите преку ангажман на оперативни партнери во клучни тест-подрачја на источниот Медитеран, каде се идентификувани недостатоци во истражувањето, заштитата и преносот на знаења за медитеранските шуми.
Улогата на Националниот парк Галичица
Како еден од оперативните партнери во проектот StrategyMedFor, Јавната установа Национален парк Галичица (Северна Македонија) има значајна улога во тестирањето, валидацијата и примената на Стратегијата за одржливо управување со медитеранските шуми во рамките на одбрани пилот-подрачја на паркот.
Паркот придонесува со вредни теренски податоци, експертиза и долгогодишно искуство во управувањето со медитерански шумски хабитати, особено со заедниците на дива фоја (Juniperus excelsa) и мешаните шумски екосистеми.
Во рамките на проектните активности, во Националниот парк Галичица ќе се спроведат тест-мерки за заштита на шумите од дива фоја, кои ќе опфатат отстранување на компетитивни стебла, пошумување и сеопфатни теренски истражувања. Овие истражувања ќе бидат реализирани земајќи го предвид методот IBP (Индекс на потенцијалот за биодиверзитет), со цел да се обезбеди научно заснована процена на биодиверзитетот и еколошката вредност на шумските заедници.
Со своето учество, Националниот парк Галичица активно придонесува кон јакнење на прекуграничната соработка, размена на знаења и примена на иновативни технологии за одржливо управување со шумите под влијание на климатските промени во медитеранскиот регион.



