Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) припаѓа на фамилијата мачки (Felidae). Постојат четири видови мачки кои припаѓаат на родот Lynx: . Евроазискиот рис има најшироко распространување кое се протега од Западна Европа преку Русија и во Централна Азија. Балканскиот рис е еден од подвидовите на евроазискиот рис кој е распространет на Балканскиот Полуостров.
Рисовите се предатори со средна големина со должина на телото од 80 до 120 сантиметри и висина на рамената од 50 до 70 сантиметри. Може да достигнат тежина од 15 до 25 килограми. Крзното е свиленкасто со жолтеникаво-кафеава боја, често ишарано со црни точки. Некои единки немаат вакви типични шари, кај нив точките може да се ситни, а понекогаш може и воопшто да ги нема. Благодарение на ваквото крзно тој одлично се камуфлира, односно се прикрива во средината каде што живее и така тешко се забележува. Има типичен кус опаш, кој е црн на врвот, и со тоа лесно се разликува од другите мачки. Долгите прамени влакна на врвовите на ушите се особена карактеристика на рисот. Овие прамени можат да бидат долги и до 5 сантиметри, а исто така впечатливи се и карактеристичните мустаќи на рисот, кои работат како засилувач на звук.
Рисот е едно од најтаинствените животни со темпераментен карактер. Има одлично чувство за мирис, одличен слух и остар вид, може да здогледа плен на растојание од 75 метри. Тој е типично ноќно животно, најчесто активно во мугрите и самракот. Преку ден вообичаено одмара и спие скриен во густи грмушки и други безбедни засолништа. Вешто ги користи дрвјата и високите карпи како места за криење и набљудување на пленот. Рисовите живеат главно самостоен живот, освен во периодот на парење и одгледување младенчиња. Рисовите зафаќаат територии обележани со посебни секрети на жлездите, урина или измет. Мажјаците имаат поголеми територии за да имаат пристап до една или две женки.
Формирањето на потомството започнува во февруари/март (април), а единките меѓусебно се привлекуваат со помош на мирисот од секретите. По два месеци, обично кон крајот на мај, се раѓаат 2-3 слепи и беспомошни рисчиња. По 6 недели, младите се доволно пораснати за да можат да јадат цврста храна и можат да излегуваат од дувлото следејќи ја мајката. По 6 месеци престануваат да цицаат, а по 10 месеци се комплетно независни и ги напуштат дувлото и мајката.
На 2-3 годишна возраст стануваат полово зрели. Рисот нема природни непријатели, а животниот век се движи од 12 до 14 години (повеќе од 20 години во заробеништво). Во исхраната најмногу преферира срни и дивокози, но и зајци, стаорци и диви птици, а дневно јаде 1-2 килограми месо. Лови скриен од заседа, а звукот што го испушта е мошне тивок и честопати не може да се чуе, така што неговото присуство може лесно да остане незабележано. Може да скокне во далечина или височина до 3 метри.
Околу 20-44 единки од балканскиот рис се распространети и живеат во планинските предели на Македонија и Албанијa. Некои од првите податоци покажуваат дека кон крајот на 18-тиот и почетокот на 19-тиот век балканскиот рис е распространет во сите шумски области на планините од Балканот, но исчезнал од низинските предели. Неговата територија се протегала на површината на десет балкански држави, од Словенија на север, до грчките планини на југ.
Со забрзаниот раст на бројот на население, како и со масовното уништување на шумите, распространетоста на балканскиот рис во текот на 19-тиот век па сè до почетокот на 20-тиот век значително се намалува. Видот е истребен од најголемиот дел од териториите на поранешните југословенски републики и станува концентриран во планинските масиви кои денеска го формирааат пограничниот регион на Албанија, Македонија, Косово, Црна Гора и Грција.
Во шеесетитите години од минатиот век балканскиот рис целосно исчезнува од Словенија, Хрватска и Бугарија. Останува населен само во западните делови на Македонија, на истокот од Албанија, на југот на Грција и мали делови од денешно Косово и Црна Гора.
Пред 30-тина години балканскиот рис се концентрира само на шарпланинскиот масив и планинскиот граничен регионот меѓу Албанија и Македонија. Популацијата е значително намалена во пограничниот регион на Македонија и Грција и малкуте рисови остануваат само во делови од планинските предели на Ниџе и Баба.
Последниве десет години балканскиот рис е критично загрозен вид, од кој се претпоставува дека преостануваат само помеѓу 35 и 45 единки. Докази за постоење на балканскиот рис се регистрирани во и околу Националниот парк „Маврово“ каде е и најбројната популација, Националниот парк Галичица, североисточниот и централниот дел од Албанија и Националниот парк „Проклетие“ кој го делат Косово, Албанија и Црна Гора. Во Националниот парк Галичица, рисот не беше забелжан подолг временски период од околу 20 години, но за среќа во 2021 на поставени фото замки беше евидентирана една единка со што се потврди присуството на овој вид кој воедно е и симбол на НП Галичица. Домашните и меѓународните експерти сфаќаат дека за спас на овој животински вид е потребна помош, па во 2001 година се објавува првиот посебен извештај за статусот на балканскиот рис. Регионалната програма за закрепнување на балканскиот рис реализирана од страна на Македонското еколошко друштво започнува во 2006 година и трае до денес.
На црвената листа на загрозени видови (IUCN) ова животно има статус на критично загрозен вид. Покрај криволовот и драстичното намалување на неговата храна, срната, илегалната сеча на шумите и напливот на кучиња скитници во руралните делови во земјата, се меѓу главните закани за опстанокот на балканскиот рис.
Рисот е заштитен со закон во Македонија уште од 1949. Законот за ловство (Службен весник на РМ 20/96) го дефинира рисот како дивеч и го категоризира како заштитен дивеч (Член 12), а неговиот лов е трајно забранет (Член 15). Друг закон, мошне важен за заштитата на дивите животни е Законот за заштита на природата, кој е имплементиран во јуни 2005. Рисот е заштитен и со неколку меѓународни конвенции, кои се ратификувани од Р. Македонија: Бернската конвенција, CITES, EU Habitats & Species Directive.