Црква Св. Богородица Захумска

Детали

Ктиторскиот натпис над влезот во наосот кажува дека таа била подигната и украсена со фрески во 1361 година. Ктитор на црквата бил ќесарот Гргур, а патрон на нејзината внатрешна декорација деволскиот епископ Григориј, една од највлијателните личности на Охридската архиепископија од средината на XIV век.

Црквата е изградена во форма на впишан крст во правоаголник и има нагласена височина, по што се издвојува од постарите архитектонски решенија на црквите од охридскиот круг. Над централниот дел има купола, потпрена на четири столбови, а на источната страна тристрана апсида. Во времето на нејзината изградба црквата имала и нартекс на западната страна.

Фреско-декорацијата во Света Богородица Захумска е доста оштетена, но сепак зазема значајно место во охридската уметност од XIV век бидејќи нејзините творци, покрај тематските карактеристики и традиции на охридското сликарство, овде ги презентирале и новите струења во византиската уметност од тоа време. Непознатите сликари на овие фрески го покажале нивниот рафиниран вкус и чувството за нарација во композициите, а колоритот е жив со светла колористичка гама.

Мапа со локација

Галерија