Наколни Населби

Детали

Трагите на човековото постоење на територијата на регионот датираат од најстарите времиња, што може да се прати преку богатото археолошко наследство. Поволните географски и климатски услови овозможиле населување и присуство на човекот уште во праисторискиот период. Контактот со езерскиот брег и слатководното езеро богато со рибен фонд, како еден од основните услови за живот, овозможиле формирање на палафитни наколни населби како и населби лоцирани покрај самиот брег. За ова сведочат многубројните наколни населби, како и 15-те евидентирани археолошки локалитети од праисторискиот период на територијата од овој регион.

Последните години од XX век покрај источното карпесто крајбрежје, за кое се мислеше дека е “негостољубиво” за лоцирање на ваков тип праисториски живеалишта, во водите на Охридското Езеро, откриени се остатоци од три праисториски наколни населби. Во 1997 година беа извршени првите подводни археолошки истражувања во Македонија, на локалитетот Плоча Миќов Град, во Заливот на коските, покрај јужниот брег на полуостровот Градиште, близу селото Пештани.

Врз основа на резултатите од овие подводни теренски истражувања и врз основа на анализите на движниот археолошки материјал, може со сигурност да се каже дека, оваа наколна населба припаѓала на доцното бронзено време и на почетоците од железното време, односно на времето од 1500 до 700 година п.н.е. Локалитетот Плоча Миќов Град во Заливот на коските денес е атрактивен музејски комплекс кој има повеќе содржини: реконструирана палафитна населба над водите од езерото, римски каструм кој е конзервиран, реставриран и презентиран на највисокото плато од ридот Градиште, пристапен објект со музејски витрини и објект за реализација на подводен туризам.

Во 1998 година, во ноември, беа откриени остатоци на уште една наколна населба, овој пат во близина на селото Трпејца, локалитетот На Дол во Заливот на Прчот. Дрвени колци и движен археолошки материјал (керамика, камени орудија) беа регистрирани на длабочина од 5-7.метри под површината на водата. Тогаш беа изведени пробни подводни истражувања кои се сведуваа главно на рекогносцирање и фотодокументирање на остатоците на оваа населба. Според карактерот и особеностите на наодите, констатирано е дека и оваа населба припаѓа на крајот од бронзеното време.

Во јули 1999 година, откриена е и трета населба покрај источниот брег на Охридското Езеро. Овој пат се работи за простор кој го зафаќа северното крајбрежје на селото Пештани, во дел од т.н. Залив на бомбите. Овде случајно е откриен дрвен колец на самиот брег, како и многубројна фрагментирана керамика која по своите типолошки одлики е речиси идентична со керамичката продукција од претходните две наколни населби.

Мапа со локација

Галерија