Аполоновата пеперутка спаѓа во редот на дневни пеперутки (Lepidoptera) во фамилијата (Papilionidae). Родот Parnassius е препознатлив по белузлавите крила на кои во средината имаат црвени точки кои подсеќаат на очи и е распростанет во Европа, Северна Америка, а послабо во Азија.
Ларвите од овој вид се хранат со листовите од растенија од родот Sedum и Sempervivum кои растат на стерилна карпеста подлога. Витално за опстанокот на овој вид е и присуството на планински цветни ливади, каде што се хранат адултните едники. Во Македонија, Аполоновата пеперутка е присутна само во високопланинскиот појас на планините со карбонатна подлога, додека отсуствува на планинските масиви со силикатна подлога.
Во Националниот Парк Галичица присутна е над горната шумска граница на буковите шуми и високопланинските ливади и пасишта на надморска височина над 2000 метри.