Дистрибутивниот ареал на видот во Европа е ограничен на јужниот и источниот дел на Балканскиот Полуостров. Тој е главно низински вид, тесно поврзан со дабовиот шумски појас. Кратконогото гуштерче е главно активен вид на пролет и есен, но и после дожд. Тоа не е посебно брзо, но може вешто да се скрие во неговото станиште со густа вегетација. За планината Галичица, кратконогото гуштерче е неодамна регистрирано само на еден локалитет во близина на селото Лескоец. Со нашите теренски истражувања, присуството на овој вид го потврдивме на истиот локалитет (ретка дабова шума над селото Лескоец).
Од Европските документи видот е заштитен согласно: Директива за живеалишта 92/43/EEC – Анекс IV: Животински и растителни видови кои се значајни за Унијата и се под строга заштита, Конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта (BERN) – Апендикс II строго заштитени фаунистички видови, како и според Конвенцијата за меѓународна трговија на загрозени видови од дивата фауна и флора (CITES).