Дистрибутивниот ареал на видот го покрива поголемиот дел на Западна, Централна и Јужна Европа. Овој вид е најчесто присутен во листопадните шумски подрачја (поретко во зимзелените), особено во тие со надморска височина под 800 m. Шарениот дождовник е активен исклучително во текот на ноќта, освен во периоди после дождови. Периодот на парење на шарениот дождовник е на есен и после 6-8 месеци (идната пролет), женките најчесто раѓаат од 8 до 70 ларви, кои најчесто се полагаат во студени и чисти води, како во стоечки така и во проточни.
Ларвите живеат главно на дното од водниот биотоп, каде може и да презимат, иако најчесто метаморфозираат за 2-4 месеци. Половата зрелост шарениот дождовник ја достигнува на возраст од 2-3 години. Возрасните (адултните) единки презимуваат во групи или поединечно во дупки ископани од други животни, пештери или пукнатини во карпи. Во Националниот Парк Галичица, шарениот дождовник е регистриран во дабовиот и буковиот шумски појас, на надморска височина од езерскиот брег на двете езера до 1.600 m.