Жолтоклуна галка (Pyrrhocorax graculus)-врапчевидна птица од фамилијата на враните (Corvidae), еден од двата вида на родот галици (Pyrrhocorax). Двата подвида се размножуваат низ високите планини на Шпанија, низ јужна Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија, Северна Африка, Индија, Кина.
Жолтоклуната галка има сјајно црно перје, жолт клун, црвени нозе и препознатлив повик. Има должина од 37-39 см и распон на крилјата 75-85 см. Лета со многу раширени и назабени примарни пердуви, со често лебдење. Летот на оваа птица е брз и акробатски, со поретки, длабоки замавнувања на крилјата.
Жолтата галка е моногамна птица. Гнездото го сместува во пештера, длабока пукнатина во карпа или напуштен објект. Леглото има 3-5 сјајни белкави јајца со ситни кафеави дамки. Ембрионот на птиците кои се размножуваат на голема надморска височина имаат хемоглобин со генетски определен висок афинитет за кислород.
Живеалиштето на жолтоклуната галка се високите планини помеѓу 1260 и 2880 м.н.в. во Европа, 2880-3900 м.н.в. во Мароко и 3500-5000 м.н.в. на Хималаите. Во текот на летото, оваа птица се храни главно со без ‘рбетници кои ги собира од пасиштата, како што се бумбарите, полжавите, скакулците, гасениците, мувите и слично. А во есен и рана пролет се исхранува главно со овошје и бобинки.