Дистрибутивниот ареал на видот го покрива поголемиот дел од Европа. Во северните делови на континентот, тој е низински вид, додека во поголемиот дел од Јужна Европа тој е ограничен на планинската зона. Планинскиот смок е дневен вид на змија, иако е доста притаена и населува различни типови на суви, сончеви станишта. Овој смок избегнува екстремни температури и често е активен во поладните часови на денот, при топли облачни услови, па дури и ноќе, при топло време. Често може да се сретне како се сонча прикриен меѓу вегетација, или под метални отпадоци. Овој смок е слабо подвижен и флегматичен, но гризе секогаш кога ќе се фати со рака и испушта смрдлива течност од аналните жлезди. Се пари најчесто на пролет (април-мај), но може повторно да се пари на лето (август- септември) и тогаш младите се носат во хибернација, за да бидат родени откако женката ќе излезе од хибернација (на пролет). Во рамките на НПГ, планинскиот смок е поврзан со буковиот шумски појас, на височина помеѓу 900 и 1.850 m.
Од Европските документи видот е заштитен согласно: Директива за живеалишта 92/43/EEC – Анекс IV: Животински и растителни видови кои се значајни за Унијата и се под строга заштита, Конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта (BERN) – Апендикс II строго заштитени фаунистички видови, како и според Конвенцијата за меѓународна трговија на загрозени видови од дивата фауна и флора (CITES).