Вид речна риба од фамилијата на краповите (Cyprinidae). Плашицата има странично сплеснато тело, прекриено со ситни крлушки кои лесно отпаѓаат. Устата е терминална и свртена нагоре. Грбната перка започнува зад крајот на градната перка, а завршува пред почетокот на аналната перка. Опашната перка е длабоко засечена. Градните перки се долги и речиси достигнуваат до стомачните. Телото на плашицата од горната страна е сивозелено, додека странично е сребренесто. Бојата на стомачната страна е млечнобела. По страните се протега темносива тенка линија.
Просечната големина која ја достигнува плашицата е од 12-15 см. Максималната големина изнесува 20 см, а тежината до 50 грама. Полово созрева во третата година од животот на должина од 7-8 см. Се мрести од мај до јули, може и до август, во плитки води. Плодноста на женката се движи од 3000 до 15000 икри. Икрата е леплива и се прицврстува за ситна песок, чакал и растителна подлога. Ембрионалниот развој е краток и трае 4-5 дена. Плашицата се храни со планктони и без ‘рбетници, најчесто инсекти.