Видот е распространет во поголемиот дел на Европа, со исклучок на северните и централни делови. Блатната желка обично се среќава во стоечки или слабо проточни води, обраснати со акватични (водни) растенија и бујна водна вегетација, како што се бари, езера, реки, канали, блата, мочуришта и ендеци. Периодот на парење е во пролет, а јајцата ги закопува на брегот од водното станиште. Инкубацијата на јајцата трае од 65 до 100 дена, во зависност од температурата. Половата зрелост кај мажјаците е помеѓу 6 до 12 години, а кај женките меѓу 14 до 18. Блатната желка главно хибернира во вода, поретко на земја. Во НПГ, овој вид е ограничен на мочуришните делови покрај брегот на двете езера. Во рамките на нашите теренски истражувања, присуството на блатната желка е регистрирано во изворите Свети Наум и Стењското блато.
Од Европските документи видот е заштитен согласно: Директива за живеалишта 92/43/EEC Анекс II: Животински и растителни видови кои се значајни за Унијата и чија заштита бара определување на посебни подрачја за заштита; Анекс IV: Животински и растителни видови кои се значајни за Унијата и се под строга заштита, Конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта (BERN) – Апендикс II строго заштитени фаунистички видови.