Медитерански вид кој што е ограничен главно на Балканскиот Полуостров и делумно на Апенинскиот Полуостров, вклучително Сардинија и Корзика. На територијата на Македонија, ридската желка е претставена со подвидот “boettgeri”, кој е балкански ендемит. Таа се среќава во различни типови на хабитати, вклучително бујни ливади, култивирани подрачја, ридови обраснати со жбуње, светли шуми и т.н. Во западниот дел од дистрибутивниот ареал, таа се среќава до 600 м.н.в., а во југоисточниот дел на Европа до 1.500 m. Ридската желка е активна преку ден. Во пролет и есен таа е активна преку целиот ден, а во лето само наутро и навечер.
Парењето е во текот на април и мај, а јајцата се инкубираат после 2 до 3 месеци. Ридската желка хибернира на земја, во дупки со длабочина од 40-90 cm. Мажјаците стануваат полово зрели на возраст од 8 до 12 години, а женките од 11 до 13 години. Во рамките на нашите теренски истражувања, ние го регистриравме овој вид на бројни локации на двете страни од планината (источна и западна), на височина од бреговите на езерата до 1.250 m. Најабундантната популација на ридската желка е присутна на островот Голем Град.
Видот е Балкански ендемит кој е ранлив (осетлив) на исчезнување поради неговиот ограничен дистрибутивен ареал, кој покрива природни живеалишта (хабитатни типови) со дисјунктивна дистрибуција.
Од Европските документи видот е заштитен согласно: Директива за живеалишта 92/43/EEC Анекс II: Животински и растителни видови кои се значајни за Унијата и чија заштита бара определување на посебни подрачја за заштита; Анекс IV: Животински и растителни видови кои се значајни за Унијата и се под строга заштита, Конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта (BERN) – Апендикс II строго заштитени фаунистички видови, како и според Конвенцијата за меѓународна трговија на загрозени видови од дивата фауна и флора (CITES).