Главниот дистрибутивен ареал на видот е на Балканскиот Полуостров. Подвидот ”meridionalis” ја населува територијата на Албанија, Македонија, Грција, јужните делови на Србија, Црна Гора и Мала Азија. Тој е типична змија за суви каменести падини со ретка вегетација и сончеви шуми. Поскокот е главно низински вид, кој обично се среќава на надморска височина до 1.200 m, но регистрирани се и исклучоци, како на планината Галичица, каде овој вид се искачува до 1.700 m. Поскокот најчесто се искачува по грмушки, но исто може да се види и покрај пукнатини од карпи и камења, во потрага по гуштери.
Генерално земено, поскокот е дневен вид, но некогаш може да биде и ноќен, во потоплите делови од неговиот ареал. Тој е спора и речиси флегматична змија, која не е многу раздразлива, иако кога ќе се вознемири гласно шишти. Поскокот е најопасна змија, од било која друга европска отровница од која страдаат луѓето, посебно пред да биде достапен современиот третман. Пролетта и летото во текот на 2008 година, кога беа реализирани теренските истражувања, беа многу суви и топли, што е причина за редуцирана активност на видот. Оттаму, теренските наоди за овој вид не коренспондираат со реалната фреквентност на видот во НП Галичица. Во рамките на нашите теренски истражувања, поскокот беше регистриран само на пет локалитети: островот Голем Град, клифовите во близина на Стење, Стењското блато, карпестиот рид над село Лескоец, Два Јавора и во близина на Црвена локва.
Од Европските документи видот е заштитен согласно: Директива за живеалишта 92/43/EEC – Анекс IV: Животински и растителни видови кои се значајни за Унијата и се под строга заштита, Конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта (BERN) – Апендикс II строго заштитени фаунистички видови, како и според Конвенцијата за меѓународна трговија на загрозени видови од дивата фауна и флора (CITES).