Кадроглав пеликан (Pelecanus crispus)-прелетна птица, гнездилка од фамилијата на пеликани. Најголема популација од овој вид пеликани се наоѓа на лагуната Каравашта во Албанија. Во Македонија го има на Преспанското Езеро. Се среќава и на Скадарско Езеро и во резерватот Сребрна во Бугарија.
Кадроглавиот пеликан на темињата и тилот поседува кадрави (извиткани) перја, грлената торба е портокалова, нозете темносиви, а шареницата е белкаста. На врвовите на крилјата има малку црни перја.
Должината на телото е околу 180 см, а распонот на крилјата околу 3 м. Просечната тежина од 11,5 килограми ја прави најтешка птица во светот од својот род.
Пеликаните своите гнезда ги прават обично на острови, лагуни, речни делти или места испреплетени со густа водна вегетација. Размножувањето започнува во март и април. Снесува од 1-6 јајца, од кои најчесто 2-3 бели јајца. Пилињата се раѓаат голи, но набрзо им растат пердуви. После шестата недела се оспособени сами да ловат риба, а по десеттата почнуваат да летаат.
Животниот простор на оваа птица се бреговите обраснати со острица на морињата, езерата и устијата на реките богати со риба. Се храни претежно со риба. Храната ја лови сам или во група од два или три пеликани.