Зивотински свет во НП Галицица

Во споредба со други планини на национално или регионално ниво, но и во рамките на Европа, планината Галичица се издвојува по исклучителнотто богатство со видови на фауна и присуство на голем број реликтни и ендемични видови. Сепак, треба да се напомене дека податоците за фауната во Паркот се нецелосни со оглед на тоа што повеќе групи организми не се испитувани воопшто или само површно.  
Без`рбетници
Претставниците од типот Rotifera (ротифери) се проучувани само во блатото кај Стење каде се забележани 46 видови. Мекотелите (тип Mollusca) во Паркот се застапени само со видови од класата Gastropoda (полжави). Досега се регистрирани 66 таксони од кои 20 егзистираат исклучително во границите на Паркот (локални ендемити). Од типот Annelida (прстенести црви) на територијата на Паркот изучувани само претставниците од фамилијата Lumbricidae (дождовни црви) од класата Oligochaeta (малкучетинести црви). Меѓу нив утврдени се три македонски ендемични таксони, додека подвидот Eiseniella ochridana ochridana е локален ендемит, ограничен исклучиво на изворите кај Свети Наум.
Претставниците на типот Arthropoda (членконоги) се најбројна група на животни, што е случај и со Паркот каде се застапени со 2.721 видови. Од класа Arachnida (пајакообразни) податоци постојат за пајаците, псеудоскорпиите и сенокосците. Вкупниот број на досега забележаните видови на пајаци (ред Aranea) на територијата на Паркот е 270 видови од кои два се локални ендемити: Zora prespaensis и Xysticus tenebrosus ohridensis. Од псеудоскорпиите (ред Pseudoscorpiones) во Паркот досега познати се само ендемичните видови: Chthonius ochridanus, Chthonius lychnidis, Chthonius kupalo, Neobisium ochridanum, Roncus kikimora и Roncus lychnidus. Редот на сенокосци (Opiliones) е претставен со ендемитот Siro ohridanus
Класа жаброноги ракчиња (Branchiopoda) во границите на Паркот е претставена со 31 вид. Редот кладоцери (Cladocera) е најброен, застапен е со 28 видови, од кои видот Alona smirnovi е локален ендемит. Редот Anostraca (самовилски ракчиња) е претставен само со самовилското ракче Chirocephalus diaphanus carinatus, распространето во повремените локвите во Паркот и истиот се смета за балкански ендемит. Редот Notostraca (полноглавчести ракчиња) е претставен со два ретки видови Lepidurus apus и Triops cancriformis и двата ограничени само во Црвена Локва. 
Од класата копеподи (Copepoda) во Паркот се среќаваат претставници од три реда на слатководни копеподи (Calanoida, Cyclopoida и Harpacticoida) со вкупно 28 видови.  Циклопоидното ракче Ochridacyclops arndti prespensis е локален ендемичен таксон, присутен само под камењата на брегот на Преспанското Езеро во потегот помеѓу селата Отешево и Стење.
Черупкарите (класа Ostracoda) во локвите и во изворите на Паркот се застапени со 20 видови. Десет од нив се локални ендемити.  
Вишите ракови (класа Malacostraca) се застапени во Паркот со 11 видови кои припаѓаат на редовите амфиподи (Amphipoda) и изоподи (Isopoda). Редот амфиподи е претставен со девет видови, од кои 6 се локални ендемити, а 2 се македонски ендемити. Претставниците на редот изоподи се присутни претежно во водите на Охридското и Преспанското Езеро од кои два вида се локални ендемити: Asellus gjorgjevici litoralis и Microcharon latus prespensis.
Класата стоногалки (Myriapoda) во Паркот е застапена со 26 видови, од двата реда: двопарноноги стоногалки (Diplopoda) и еднопарноноги стоногалки (Chilopoda). Меѓу двопарноногите стоногалки во Паркот се среќава локалниот ендемит Acanthopetalum thessalorum lychnitis.
Инсектите (класа Insecta) на територијата на Паркот е застапена со над 2.328 видови. Еднодневките (ред Ephemeroptera) во рамките на Паркот се застапени со 15 видови, самовилските коњчиња (ред Odonata) со 39, пролетниците (ред Plecoptera) со 21, а од правокрилците (ред Orthoptera) досега се познати само ендемичните видови Poecilimon chopardi и Ramburiella turcomana, како и најпознати претставници на оваа група - Saga pedo и Paracaloptenus caloptenoides. Од мрежокрилците (ред Neuroptera), познати се само видовите: Libelloides lacteus и Libelloides macaronius.  Редот Psocoptera (книжни вошки или сенојади) е претставен со 23 видови, меѓу кои се вбројува и балканскиот ендемит Liposcelis priesneri. Редот полутврдокрилци (Hemiptera) е застапен со 318 видови, додека редот тврдокрилци (Coleoptera) е застапен со вкупно 149 видови од повеќе фамилии. Од Фамилијата чурулкари (Curculionidae) се издвојуваат локалните ендемити Otiorhynchus pierinus, Otiorhynchus plagiator и Otiorhynchus sorbivorus. Од  фамилијата тркачи (Carabidae) се значајни локалните ендемити Nebria aetolica galicica и Duvalius vignai. Од фамилија стрижибуби (Cerambycidae) во паркот се среќаваат типичните претставници: алпска стрижибуба (Rosalia alpina) и големата дабова стрижибуба (Cerambyx cerdo). Од фамилијата еленчиња (Lucanidae) исто е регистрирано присуството на типичниот претставник, еленчето(Lucanus cervus). Од водните тврдокрилци (Hydrocanthares) во Паркот досега се забележани 22 видови. Од редот двокрилци (Diptera) значајни се локалните ендемити Merodon kaloceros и Platycheirus meridimontanus кои припаѓаат кон фамилијата лебдечки муви (Syrphidae). Редот пеперутки (Lepidoptera) е претставен со 1597 видови, што е околу 70% од целата фауна на пеперутки на Македонија која е составена од 2289 видови. Фамилијата ноќни пеперутки (Noctuidae) е застапена со 360 видови во Паркот, што претставува 77% од целокупната македонска фауна на ноќни пеперутки. Ноќните пеперутки Teinoptera lunaki lunaki, Euxoa decora macedonica, Epipsilia cervantes vargai и Chersotis laeta leonhardi се македонски ендемити. Малите пеперутки од групата Microlepidoptera се најбројни во Паркот, претставени со 688 видови од кои шест се локални ендемити: Parachronistis lunaki, Caryocolum xuthellum, Pantacordis pantsa, Coleophora macedonica, Coleophora scabrida и Bucculatrix pseudosylvella. Од групата Предачки и самрачници во Паркот се познати 157 видови, меѓу кои и локалните ендемити Zygaena purpuralis bukuwkyi, Zygaena achilleae winneguthi и Cymbalophora rivularis dannehli. Фамилијата Geometridae (земјомерки) во Паркот е застапена со 233 видови, меѓу кои се и македонските ендемити Chesias rufata pinkeri и Calostigia wolfschlaegerae. Групата дневни пеперутки во Паркот е претставена со 160 видови во Паркот, што претставува 80% од вкупниот број на видови за целата територија на Македонија. Меѓу нив посебно се издвојуваат мочуришниот шаренец(Euphydryas aurinia), големиот бакарец(Lycaena dispar), балканскиот синец(Polyommatus eroides), големиот синец (Maculinea arion), аполоновата пеперутка (Parnassius apollo), лажната аполонова пеперутка(Parnassius mnemosyne) и јужното велигденче (Zerynthia polyxena) кои уживаат строга заштита во земјите на Европската Унија. Од редот ципокрилци (Hymenoptera) во Паркот досега се познати  74 видови, од фамилиите Cephidae, Tenthredinidae и Halictidae. 
`Рбетници
Типот хордати (Chordata) во Паркот е претставен со поттипот ‘рбетници (Vertebrata), поделена во една суперкласа (риби) и четири класи (водоземци, влечуги, птици и цицачи).
Во водите кои се дел од, или се поврзани со границите на Паркот, вклучувајќи ги извориштето Свети Наум, крајбрежјето на Охридското Езеро и Преспанско Езеро, забележано е присуство на 27 видови риби. Во извориштето Свети Наум забележани се 7 видови риби:  моранец (Pachychilon pictum), клен (Squalius cephalus), охридска плашица (Alburnus scoranza), охридски скобуст (Chondrostoma ohridana), охридска кркушка – дујак, мренец – (Gobio ohridanus), охридска вретенушка (Barbatula sturanyi) и пештанска пастрмка (Salmo letnica). Видовите чии имиња се испишани со масни букви се ендемични за охридското езеро.
Во границите на Паркот се среќаваат 10 видови од класата водоземци (Amphibia) од кои следните ужуваат строга правна заштита во земјите на Европската Унија: македонскиот мрморец (Triturus macedonicus), жолтиот мукач (Bombina scabra), зелената крастава жаба (Pseudepidalea viridis), гаталинката (Hyla arborea), поточната жаба(Rana graeca) и горската жаба(Rana dalmatina).
Во границите на Паркот потврдено е присуство на 21 видови од класата влечуги (Reptilia), од кои следните ужуваат строга правна заштита во Европа: ридската желка (Eurotestudo hermanni boettgeri), блатната желка (Emys orbicularis), лушпестата гуштерица (Algyroides nigropunctatus), зелениот гуштер (Lacerta viridis), големиот зелен гуштер (Lacerta trilineata), скалестата гуштерица (Podarcis muralis), полската гуштерица (Podarcis taurica), македонската гуштерица (Podarcis erhardii), жолтиот смок (Dolichophis caspius), ескулаповиот смок (Zamenis longissimus), ждрепката (Elaphe quatuorlineata), рибарката (Natrix tessellata), планинскиот смок (Coronella austriaca) и поскокот (Vipera ammodytes). Вредно е да се забележи присуството балканскиот смок (Hierophis gemonensis) кој е балкански ендемит.
Во границите на Паркот потврдено е присуство на 200 видови од класата птици (Aves). За дополнителни десет видови неопходна е верификација на податоците. Покрај тоа, 16 видови птици се регистрирани во непосредна близина на Паркот и истите се очекуваат и во неговите граници, додека 67 видови се регистрирани во пошироката зона на паркот, но и тие може да се очекуваат во Паркот. Вкупно, во Паркот и неговата блиска околина присутни се 293 видови птици. Најголем дел од нив уживаат правна заштита според законите на Република Македонија или директивите на Европската Унија. Впрочем, голем дел од нив број уживаат строга правна заштита, како на пример забрана за лов и други мерки. Меѓу строго заштитените видови, покрај другите, се вбвројуваат: големиот нуркач (Podiceps cristatus), малиот корморан (Phalacrocorax pygmaeus), кадроглавиот пеликан (Pelecanus crispus), белиот пеликан (Pelecanus onocrotalus), малиот воден бик (Ixobrychus minutus), малата бела чапја (Egretta garzetta),сивата чапја (Ardea cinerea), белиот штрк (Ciconia ciconia), црниот штрк (Ciconia nigra), црвеноклуниот лебед (Cygnus olor), орелот змијар (Circaetus gallicus), блатната еја (Circus aeruginosus), ливадската еја (Circus pygargus), краткопрстиот јастреб (Accipiter brevipes), обичниот јастреб глувчар (Buteo buteo), јастребот врапчар (Accipiter nisus), златниот орел (Aquilachrysaetos), малиот орел мршојадец (Neophron percnopterus), степската ветрушка (Falco naumanni), сивиот сокол (Falco peregrinus), соколот ластовичар (Falco subbuteo), обичната ветрушка (Falco tinnunculus), вечерната (црвенонога) ветрушката (Falco vespertinus), зеленоногата блатна кокошка (Gallinula chloropus), малиот галеб (Larus minutus), езерскиот галеб (Larus ridibundus), шумската ушеста утка (Asio otus), домашната кукумјавка (Athene noctua), бувот (Bubo bubo), ќукот (Otus scops), шумската безушеста утка (Strix aluco), жолната (Oriolus oriolus), жолтоклуната галка (Pyrrhocorax graculus) и други.

Во границите на Паркот потврдено е присуството на 51 видови цицачи (класа Mammalia). Покрај нив, во границите на Паркот има голема вероjатност за присуство на дополнителни 11 видови од кои 5 се сметаат за алохтони (внесени). Голем дел од нив уживаат правна заштита според законите на Република Македонија или директивите на Европската Унија. За 27 видови постојат мерки за строга заштита, како на пример забрана за лов, заштита на нивните живеалишта и други мерки. Меѓу строго заштитените видови, се вбвројуваат повеќе лилјаци, како бласиевиот потковичар(Rhinolophus blasii), јужниот потковичар (Rhinolophus euryale), големиот потковичар (Rhinolophus ferrumequinum), малиот потковичар (Rhinolophus hipposideros), остроушестиот ноќник (Myotis oxignathus), долгопрстиот ноќник (Myotis capaccinii), тробојниот ноќник (Myotis emarginatus), големиот ноќник (Myotis myotis), водениот ноќник(Myotis daubentonii) и долгокрилестиот лилјак (Miniopterus schreibersii). Покрај нив, според директивите на Европската Унија, под строга заштита се и волкот (Canis lupus), балканскиот рис (Lynx lynx martinoi), видрата (Lutra lutra), мечката (Ursus arctos) и балканската дивокоза (Rupicapra rupicapra balcanica).