Voda

Масивот на Галичица е еден од најсиромашните со површински и истечни води во Република Македонија. Ова особено се однесува на нејзините повисоки делови и Стара Галичица. Од друга страна, она што ја издвојува оваа карстна планина од другите е подземната хидролошка врска помеѓу Охридското и Преспанското Езеро.  Подземната врска на Охридското и Преспанското Езеро била цел на истражување на голем број на хидролози. Со различни методи, односно со користење на различни трасери оваа врска е потврдена повеќе пати. Покрај потврда на поврзаноста истражувањата откриваат и други интересни податоци:

  • Количината на вода со потекло од Преспанското Езеро во врутоците Свети Наум и Тушемишта (Албанија) се движи околу 50%. Останатите 50% се со потекло од врнежи. За разлика од овие два врутоци, подземната врска кај Билјанините Извори во близина на Охрид поретко се потврдува.
  • Во однос на брзината со која водата поминува под Галичица податоците се многу различни. Најкратко досега забележано време е 6 часа за колку трасерот фрлен во водите на Преспанското Езеро се појавил во врутокот Тушемиште. Но покрај овој екстрем во најголем број случаи водата под Галичица се задржува барем година дена.    
  • Задржувањето на водата во подолг временски период оди во прилог на тоа дека во пазувите на планината има големи резервоари во кои се складира водата која понира од Преспанското Езеро, а потоа преку канали и пукнатини доаѓа во Охридското Езеро. Различната брзина на доаѓање на водата потврдува и дека под Галичица нема единствен канал со кој езерата се поврзани туку се работи за бројни канали/пукнатини.
  • Значителните промени во нивото на водата во Преспанското Езеро се резултат на повеќе фактори. Покрај другите, влијание има и состојбата (отвореноста за проток на вода) на подземните канали/пукнатини и количината на наталожени седименти во резервоарите.

Единствена река која тече во границите на Паркот е реката Черава и тоа само нејзиниот најдолен тек до вливот во Охридското Езеро. Изворот и поголемиот дел од реката се наоѓаат во Република Албанија.
Ретките извори се со многу мала издашност и во најголем дел се зафатени (во бетонски резервоари) за обезбедување на вода за пиење за населбите оформени на падините на масивот. Таков е случајот со изворите во локалитетот Војтино над селото Љубаништа, изворот Вршек над селото Елшани, изворот Селиште над селото Велестово и секако најголемите и најиздашните извори во локалитетот Летница над селото Рамне кои се каптирани за потребите на градот Охрид.
Поради големата потреба од вода за стадата овци кои во минатото паселе во текот на летото на Галичица, во минатото оформени се 19 локви кои редовно се одржувале. Во последниве дваесетина години локвите не се одржуваат поради што најголемиот дел од нив, особено земјените, се зарастени со вегетација и скоро воопшто немаат вода дури и во влажниот период од годината. Покрај локвите во минатото изградени се и 19 бунари и 2 бетонски резервоари. Како и локвите најголемиот дел од нив се исушени.
Поради големата природна вредност, вклучително и хидролошка, посебно внимание заслужува врутокот кај манастирот Свети Наум. Се наоѓа на крајниот југоисточен дел од Охридското Езеро. Го сочинуваат два дела. Првиот е издолжен налик на низинска река и по своите карактеристики е типичен претставник на карстните врутоци. На неговото дно се забележуваат бројни подводни извори. Покрај нив особено по јужниот брег има крајбрежни извори. Вториот дел кој се наоѓа низводно од првиот е поширок и со кружна форма. Во него се оформени два острови. Крајниот северен дел од врутокот преку истек долг 10 до 12.m поврзан е со Охридското Езеро. Вкупната површина на езерцето оформено од врутокот е 0,342 km2. Езерцето го формираат 15 крајбрежни извори и околу триесетина подводни. Количната на вода која извира од овие извори е релативно стабилна и изнесува 6 до 8 m3/s. Поради стабилноста на изворите водостојот на езерцето многу малку се менува. На водостојот на езерцето промените во водостојот на Охридското Езеро немаат влијание. Длабочината на езерцето е различна, но во најголем дел се движи помеѓу 2 и 3.m. Најголемата длабочина е 3,5.m. Температурата на водата се движи помеѓу минималната, најчесто во месец февруари, од 7,2 оC до максимални 12,8 оC измерени во јули. Во најголем дел од годината температурата е помеѓу 10 и 11 оC.