Sv Naum

Фото галерија - Комплекс Св. Наум

На брегот на Охридското Езеро, опкружен со божествена природа е сместен комплексот Св. Наум. На 28 км од градот Охрид, во комплексот се наоѓа еден од најзначајните и најпосетувани манастири во Р. Македонија - манастирот Св. Наум. Во комплексот се наоѓаат и најголемите извори кои го полнат со вода Охридското Езеро. Како вистинска природна реткост, со единствен растителен и животински свет, изворите и нивното непосредно опкружување се прогласени за зона на строга заштита. Од тие причини строго е забранет риболов, додека пловидбата е дозволена само за овластените кајчина за прошетка по изворите.

Извори Св. Наум

Изворите на Охридското Езеро „Св. Наум“ се состијат од 30 подводни и 15 крајбрежни извори со вкупен капацитет од 7,5 m ³/ѕ. Изворите формираат езерце со површина од 30ha и максимална длабочина од 3,5m. Температурата на водата во езерцето преку целата година е од 10 до 12°С. Водата во изворите потекнува, во најголем дел, од планинскиот масив Галичица, а во дел и од Преспанското Езеро.

Растителниот свет на изворите е богат и посебен што се огледа во присуството на ендемични видови како што се силикатните алги Caloneis alpestris, Sellaphora seminulum, Sellaphora pupula f. rostrata и многу други. Изворите претставуваат единствено живеалиште за овие организми.

Животинскиот свет во водата од изворите е претставен најмногу со микроскопски организми кои живеат по неговото дно. Од покрупните организми се среќаваат7 видови риба и тоа: кленот, скобусот, моранецот, охридската кркушка, пештанската пастрмка, охридската вретенушка и плашицата. Од другите 'рбетници треба да се спомене присуството на змијата белоушка, водната желка, а од птиците треба да се забележи присуството на рибарчето и малиот корморан кој е загрозен вид во Европа.