Sumi

Карактеристичниот растителен и животински свет во шумите и шумскиот предел на Галичица, биле основни причини за нејзино прогласување за национален парк. Нивната значајна вредност потврдена е со големото богатство на природно застапени дрвенести видови и шумски заедници кои тие ги формираат. Богатата биолошка разновидност на шумите е реткост на целиот Балкански Полуостров и пошироко во Европа.
Автохтоната флора на дрвенести видови (дендрофлора) претставена е со 176 видови, што претставува 58,3 % од дендрофлората на Македонија, од кои 26 се балкански ендемити или 14,8 % од овие ендемити застапени во Македонија. На масивиот застапени се и ретки дрвенести видови кои се сретнуваат само на Галичица и на уште една до две планини надвор од Македонија. Такви се џуџеста черешна (Prunus prostratа), Berberis aetnensis, омелика (Genista radiate), муника (Pinus heldreichii), вулфенова млечка(Euphorbia veneta),млечка Euphorbia glabriflora, мазна копривка (Celtis glabrata), Acatholimon androsaceum,мушмулица (Cotoneaster mariana), клокочика (Staphylea pinnata)идив костен (Aesculus hippocastanum).
Еден дел од автохтоните дрвенести видови се остаток од старата терциерна дендрофлора, што дополнително ја зголемува флористичката вредност на Галичица. Овие реликтни видови, нашле засолниште од налетот на мразиштата, на неколку карактеристични локалитети, кои денес се вистински „жешки точки“ на биолошката разновидност. Такви локалитети се Зли Дол со 65 дрвенести видови и Голем Осој со 56.
 Флористичкото богатство на Галичица како магнет привлекува голем број ботаничари, дендролози и фитоценолози. Благодарение на нивните истражувања, денес располагаме со детален опис на шумските заедници и нивниот видов состав, како во катот на дрвјата така и во катот на грмушките.  
Природните вредности, воспоставената пракса и персонална екипираност, како и определбата на државата за заштита и подобрување на квалитетот на шумите, придонеле тие да бидат приоритетна цел на администрацијата на паркот од првите денови на нејзиното основање. Ваквиот пристап во заштитата и управувањето со шумите придонел ефектите да бидат значајни што се потврдува со значителното зголемување на дрвната залиха и површините под шума со едновремено зачувување на видовиот состав.

 

1972

1983

1992

2002

Површина под шума

12 676 ха

12 754 ха

14 458 ха

14 125 ха

Дрвна залиха

422 167 м3

596 765 м3

673 646 м3

903 042 м3

Новите меѓународни искуства и стандарди во заштитата и управувањето со заштитените подрачја упатуваат на потребата од промена на целите на управувањето со шумите - од одржливо користење кон заштита на нивната биолошка разновидност. Следејќи ги ваквите трендови, Јавната установа Национален парк Галичица превзема повеќе активности за подобра заштита на шумските екосистеми во паркот, а со цел одржување на статусот на Галичица како бисер на македонската биолошка разновидност.