rastitelen svet

Фото галерија - Растителен свет

Врз база на досегашните истражувања, во Паркот се констатирани 143 видови лишаи кои таксономски припаѓаaт на класите Lecanoromycetes (134), Eurotiomycetes (8) и Lichinomycetes (1) од типот Ascomycota. Претставници од типот Basidiomycota не се регистрирани во Паркот. Лишаите од Паркот се систематизирани во 27 фамилии, а најбројни со видови се Parmeliaceae, Teloschistaceae и Physciaceae.
Васкуларни растенија
Природните карактеристики на планината Галичица, пред сè, нејзината местоположба, геолошка историја, релјеф, геолошката подлога, климатските карактеристики и друго, условиле развиток на извонредно богата флористичка разновидност, со над 1597 таксони виши растенија, помеѓу кои посебно значење имаат ендемичните и реликтните видови.
Планината Галичица претставува простор во кој допираат ареалите на голем број видови, претставници на различни флорни елементи - медитерански, субмедитерански, оромедитерански, балкански, скардо-пиндски, средноевропски, европски, алпски и други. Некои растителни видови тука ја достигнуваат северната, односно јужната, или пак источната, односно западната граница на своето распространување. Наоѓалиштата за некои од нив на планината Галичица засега се и единствените познати за територијата на Република Македонија. Кон нив се придружуваат и поголем број на ретки видови, кои се регистрирани на оваа планина, додека во останатите делови на Македонија се сретнуваат на ограничен број локалитети. Тоа хетерогено флористичко богатство, присутно на овој планински масив, може да се објасни и да се доведе во контекст со погоренаведените еколошки карактеристики и геолошка историја како на самата планина така и на поширокиот простор. Планината Галичица е сместена помеѓу двете наши најголеми природни езера (Охридското и Преспанското Езеро), кои претставуваат еден своевиден терморегулатор, кој ја регулира климата на поширокиот простор, не дозволувајќи екстремно високи летни температури како и екстремно ниски зимски температури, што доведува до присуство на блага континентална клима со умерено субмедитеранско влијание. Имено, големата водена маса на двете езера, нивното постепено ладење (губење на топлина) во есенските и зимските месеци влијае врз севкупните климатски прилики во непосредната околина на езерата и на поширокиот простор. Поволните климатски услови во текот на зимските месеци им овозможуваат на термофилните (потоплољубиви) растителни видови да го преживеат неповолниот зимски период од годината. Тие, во комбинација со карбонатната геолошка подлога, која доминира на планината Галичица, создаваат еколошки предуслови и амбиент за развиток на голем број растителни видови и растителни заедници, специфични за медитеранската, односно субмедитеранската флора и вегетација. Тоа може да се забележи како во низинските, така и во највисоките делови на планината.
Посебно значење за планината Галичица имаат растителните видови кои се за прв пат откриени на оваа планина и претставуваат нејзин заштитен знак. Имено, на планината Галичица се наоѓаат класичните наоѓалишта (locus classicus) на над 30 растителни таксони, од кои најголемиот број се со валиден таксономски статус. Поголемиот број видови, опишани од планината Галичица, засега се познати само во границите на македонскиот дел од оваа планина и претставуваат нејзини локални ендемични видови. Таков е случајот со следните видови: Bupleurum mayeri Micev., Centaurea galicicae Micev., Centaurea tomorosii Micev., Dianthus galicicae Micev., Dianthus ochridanus Micev., Edraianthus horvatii Lakušić, Festuca galicicae Mgf-Dbg, Helichrysum zivojinii Černjavski & Soška, Laserpitium ochridanum Micev., Micromeria kosaninii Šilič, Nepeta ernesti-mayeri Diklić & Nikolić и Sempervivum galicicum Micev. Секој од нив има посебно значење и посебно место за биолошката разновидност на планината Галичица, меѓутоа помеѓу нив посебно би требало да се издвојат двата ендемични вида од родот Centaurea – C. soskae и C. galicicae, кои се со многу ограничено распространување и се развиваат по стрмните варовнички клифови кои се издигнуваат над Охридското Езеро – помеѓу манастирот "Свети Заум" и с. Пештани (C. soskae), како и по варовничките клифови покрај Преспанското Езеро, помеѓу с. Стење и с. Коњско (C. galicicae). Тие се развиват во зоната каде што туристичките активности се прилично интензивни и со самото тоа постои опасност од преземање на одредени антропогени активности на тој простор. За некои од погоренаведените видови сè уште не се располага со прецизни податоци за нивното распространување на планината Галичица (Bupleurum mayeri), додека за видот Nepeta ernesti-mayeri, сознанијата зборуваат дека тоа е еден од најзагрозените ендемични видови чии популации се со критично смалена биолошка виталност. Три видови опишани од планината Галичица (Astragalus mayeri Micevski, Centaurea soskae Hayek и Crocus cvijici Košanin) во меѓувреме се откриени на други локалитети во Албанија (Centaurea soskae и Crocus cvijici) и Грција (Astragalus mayeri) што укажува на нивната таксономска стабилност и присутна тенденција во ширење на нивниот ареал кон соседните делови на Балканскиот Полуостров.
Флористичките истражувања кои беа преземени на планината Галичица во еден подолг изминат период покажаа дека на оваа планина, односно во границите на Паркот, се регистрирани единствените наоѓалишта на поголем број растителни таксони, припадници на различни флорни елементи од различните делови на Балканскиот Полуостров и Европа. Тие, засега не се познати за останатите делови од територијата на Република Македонија и нивното присуство на Галичица зборува и за еколошкиот капацитет на оваа планина. Таков е случајот со следните таксони: Alyssum subvirescens Form., Astragalus gremlii Burnat, Celtis glabrata Steven ex Planchon, Cephalaria setulifera Boiss. & Heldr., Coronilla vaginalis Lam., Crepis vesicaria L., Cytisus procumbens (W.K.) Spr., Damasonium bourgaei Cass., Euphorbia characias L. subsp. wulfenii (Hoppe ex W. Koch) A.R. Smith var. sibthorpii (Boiss.) E.S.Boiss, Gnaphalium hoppeanum Koch., Haplophyllum patavinum (L.) Don f., Hesperis rechingeri Dvoŕàk, Jurinea taygetea Halácsy, Lilium chalcedonicum L., Marubium anisodon C. Koch, Prunus prostrata Labill., Sedum laconicum Boiss., Sibbaldia parviflora Willd., Silene chromodonta Boiss. et Reuter var. vandasii Neum, Thymus perinicus (Hal.) Stoj., Stef. & Kit. и Trifolium sebastiani Savi.
Габи
Врз база на досегашните истражувања на диверзитетот на габите во Паркот се констатирани над 480 видови, од кои најголем дел се макромицети кои таксономски припаѓаат на типот Basidiomycota, а помал дел на Ascomycota. Микромицетите се многу слабо истражени и има податоци само за мал број паразитски видови, додека за акватичните габи не постојат никакви податоци. Фунгијата на Паркот е богата со многу ретки видови кои се дел од повеќе национални и глобални црвени листи или се опфатени на друг начин во документи кои третираат значајни, ретки и загрозени видови. Значајно е да се истакне дека заедниците со дива фоја изобилуваат со многу ретки видови габи и од миколошки аспект тоа се најдобро проучени шуми од овој тип во Европа. Следните видови се издвојуваат по тоа што имаат значајна улога во екосистемите во паркот, имаат статус на загрозени или ретки видови или се атрактивни и забележителни:  Amanita caesarea, Antrodia juniperina, Battarraea phalloides, Boletus rhodoxanthus, Boletus satanas, Geastrum fornicatum, Hexagonia nitida, Hymenochaete cruenta, Myriostoma coliforme и Pyrofomes demidoffii