Националниот парк Галичица претставува „жариште“ на биолошката разновидност на Балканот и во Европа. Исклучителното богатство на живеалишта и видови го издвојува Паркот од други подрачја со слична големина. На нешто помалку од 25.000 ha, се среќаваат повеќе од 35 типови живеалишта, 40 растителни заедници, околу 1.600 таксони од васкуларните растенија, над 143 видови лихеноидни габи, повеќе од 480 видови габи и преку 3.231 таксони од фауната. Богатата биолошка разновидност во Паркот има големо национално, европско и глобално значење. Од живеалишта кои се ретки или загрозени во Европа, во Паркот се среќаваат десет типови шумска, два типа грмушеста, четири типови тревеста и два типа хазмофитска вегетација. Од европско значење се и два типа на водни живеалишта и три типови на живеалишта поврзани со подземните геоморфолошки форми. Бројот на видови од глобално, европско и национално значење е навистина голем. Во Паркот се среќаваат 4 таксони од без`рбетните и 13 од `рбетниците кои се сметаат за глобално загрозени. Неколку стотини ретки и заштитени видови во Паркот се претставени со значајни популации. Бројните ендемични видови на Паркот му даваат посебно обележје. Некои од нив се среќаваат само во границите на Паркот, и тоа: 29 таксони од алги, 13 видови васкуларни растенија, 68 таксони од без`рбетните и 4 таксони од `рбетните животни. Покрај тоа, Паркот го населуваат поголем број таксони кои се среќаваат само во Македонија или Балканот, и тоа: 46 таксони виши растенија, 89 таксони без`рбетници и 14 таксони `рбетници. Голем е бројот на видови во Паркот кои се привлечни и лесно препознатливи за посетителите и локалното население и како такви се основа за развој на туризмот. Меѓународното значење на биолошката разновидност во Паркот е потврдено со бројни номинации, како на пример: „Емералд подрачје“, „Значајно растително подрачје“, „Примарно подрачје за пеперутки“, „Светско наследство на УНЕСКО“, а потенцијално и „НАТУРА 2000 подрачје“.
Од другите природни вредности на Паркот, значајни се Стара Галичица и островот Голем Град, кои по своите севкупни геоморфолошки карактеристики се ретки или единствени форми во Југоисточна Европа, како и тревните тераси на Стара Галичица кои со одредени свои карактеристики се единствени или ис­­клучително ретки во евромедитеранскиот регион, но и глобал­но.
Подолу се дадени повеќе детали за живата и неживата природа во Национален парк Галичица.