ponuda

Национален парк Галичица на посетителите им нуди бројни рекреативни и туристички содржини. За оние кои сакаат да се рекреираат и уживаат во природа им препорачуваме да ги користат обележаните пешачки, велосипедски и планинарски патеки. Доколку се наоѓате во Охрид,  од бензиската пумпа кај Биљанини извори можете да се упатите пеш до селото Велестово. Доколку сте во добра кондиција продолжете и понатаму, до месноста Крстец, од каде се протега прекрасен видик врз големото карстно поле „Џафа” и најголем дел од масивот на планината Галичица. За да се искачите на еден од највисоките врвови на Галичица – Магаро следете ја патеката која започнува во близина на месноста „Баба”, покрај регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен. Покрај извонредните видици, долж патеката ќе имате можност да се запознаете со двата циркови – геоморфолошки феномени кои сведочат за последното мразово доба на наштата планета. На овој дел од планината ќе се прошетате и низ природните високопланински пасишта кои се исклучително богати со растителни и животински видови од кои некои нема да ги најдете на ниедно друго место. При погодни временски услови, од Магаро имате поглед на целото Охридското и Преспанското езеро – како на дланка.

За убавината и разновидноста на пределот на планината Галичица придонесуваат и пространите високопланински пасишта кои настанале како резултат на човековото влијание. Доколку имате сопствен превоз, велосипед или автомобил сеедно, исклучете се од регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен и по асфалтниот пат упатете се кон север до месноста „Два Јавори”. Од ова место тргнува уште една обележана патека која најпрво ве води низ уште едно големо карстно поле – „Суво Поле”, а потоа и до планинската куќа во месноста „Асан-Џура”.  Од „Асан-Џура” патеката се двои на две гранки – едната до врвот „Гога”, а другата до пештерата „Саматска Дупка”. Посетата на внатрешноста на пештерата е можна само со водич од Паркот, по претходна најава. Доколку се упатите кон врвот „Гога” ќе имате можност да уживате во прекрасниот поглед врз Охридското и Преспанското езеро.

Голем број на посетители се одлучуваат за еднодневен излет во месноста „Корита” која исто така се наоѓа долж регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен, на западните падини на планината, над селото Трпејца. До овој локалитет може да се стигне и по обележана пешачка патека од населбата Пештани. Најпосетена дестинација во Паркот, сепак, е рекреативно-туристичкиот комлекс кај манастирот на Св. Наум, близу до границата со Република Албанија. Секоја година, над 200 илјади туристи доаѓаат да уживаат во ова место каде природното, духовното и културното наследство на Македонија се испреплетуваат во хармонична целина со исклучителна убавина. Зависно од вашиот интерес и време, може да се прошетате со чун по изворите кај Св.Наум кои формираат живописно езерце со две островца. Се проценува дека ова езеро го напојуваат 45 извори, распоредени на дното или брегот на езерцето, а речиси половина од бистра студена вода во него дотекува од Преспанското езеро преку подземни реки и водотеци низ варовничката маса на Галичица. Во текот на летната сезона исто така имате можност да уживате на жолтите песочни плажи и кристално чистата вода, непосредно на местото каде водата од ова езерце се влева во Охридско Езеро.

Сепак, некои од најубавите делови од Паркот се потешко достапни, како на пример островот „Голем Град” во големото Преспанско Езеро - единствениот остров во Република Македонија. За да стигнете до истиот превоз може да најдете во селата Стење и Коњско.

Националниот парк Галичица е исто така популарна дестинација за параглајдеристите. Полетиштето најчесто е кај месноста „Баба”, на регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен, а безбедно се слетува плажата кај авто-кампот „Љубаништа”.  Од овај видиковец имате можност да ја видите единствената гледка , од каде се гледа истовремено и Охридското и Преспанското Езеро.

За подобро да го запознаете и да уживате во Националниот парк Галичица ќе Ви требаат повеќе денови. Не грижете се за преноќиште. Голем дел од туристичките и угостителски капацитети во Охрид и Преспа се наоѓаат во границите на Национален парк Галичица. Покрај бројните хотели од средна и висока категорија, сместување може да се најде и во куќите во повеќето села и населби крај брегот, како и во неколкуте авто-кампови.