Обележје на национален парк Галичица

Lynx lynx martinoi  или балкански рис е автохтон  вид од кој во Македонија е застапен со  околу 30-35 единки. Заради оваа мала бројка и најразновидните закани на кои е изложена популацијата на рисот, кои во најголем број произлегуваат од активностите на човекот, од Јули 2006 година, Македонското еколошко друштво (МЕД) започна со спроведувае на проект за заштита на а популација на балканскиот рис во Македонија со наслов " Програма за закрепнување на балканскиот рис".

Површина и орографија

Националниот парк зафаќа површина од 25 000 ха, од кои околу 11 % е приватна сопственост. Најниска точка е нивото на Охридското Езеро 695 м.н.в. и нивото на Преспанското Езеро 850 м.н.в., а највисока врвот Магаро 2255 м.н.в. Планината Галичица има развиен рељеф со длабоки долови и стрмни падини кон двете езера. Поради рељефните карактеристики, единствениот масив на Галичица поделен е на четири засебни делови.

Делот јужно од Зли дол се именува како Стара Галичица. Тоа е највисокиот и најмаркантниот рељефен дел на националниот парк. Неговите страни стрмно се отсечени кон езерата и избраздени се со суводолици што на планината и дава изглед на непристапност. Во неговиот централен дел оформено е широко плато со надморска висина поголема од 2000 м. На него се застапени скоро сите површински карсни форми.

На север од него се наоѓа делот Галичица. Највисокиот врв Вакоски гној има централна позиција и висина од 1999 м. Во овој дел ширината на планината е најмала (9,75 км). Падините кон Охридското  езеро се стрмни и слични со оние од претходниот дел, додека источните падини поблаго се спуштаат кон Преспанското езеро. Платото во централниот дел е на  висина од околу 1400 м. и на него се оформени четири карстни полиња.

Остатокот од масивот меридијански е поделен на два дела и тоа Петрино кој гравитира кон Охридската и Исток кон Преспанската котлина.

Геологија и хидрологија

Основна геолошка подлога на Галичица во најголем дел е од палеозојски метеморфни силикати, покриени со слој од масивни сунѓерести варовници дебел 500-550м. Ваквата геолошка структура и присуството на карстните геоморфолошки форми на планината и даваат изглед на планините од Динарскиот систем. На Галичица ги сретнуваме шкарпите, вртачите, увалите и карстните полиња (површински карстни форми), и пештерите и пропастите (подземни карстни форми).

Геолошката подлога и морфологијата на планината вршат големо влијание на зголемување на пејсажните и естетските вредности на паркот и претставуваат еден од условите за појава на високата биолошка разновидност и карактеристичност на живиот свет.

Водопропусливоста на варовничкиот слој ја направила Галичица една од најсушните планини во Македонија. Во нејзиниот планински дел се сретнуваат само неколку постојани извори, со многу мала издашност. Понекогаш во години со обилни снежни врнежи напролет се појавуваат извори кои во лето пресушуваат.

За разлика од планинскиот дел, крајбрежјето на Охридското Езеро е богато со извори. Нај карактеристично е извориштето кај манастирскиот комплекс Св. Наум. Тоа претставува типична карсна хидролошка појава во вид на вруток.

Се состои од триесет подводни (сублакустрични) и петнаесет крајбрежни (лакустрични) извори, со вкупен капацитет од околу 7,5 метри кубни во секунда. Изворите формираат мал езерски базен со површина од 30 ха и најголема длабочина од 3,5 м. Во рамките на езерото создадени се два мали острови. Со последните испитувања на водите во изворите со помошна природни радиоизотопи потврдена е претпоставката дека дел од нив потекнуваат од Преспанското езеро, чие ниво е повисоко од  нивото на Охридското езеро,  за 150 м.

Покрај  геолошко-хидролошките особености извориштето се одликува со големо богатство на растителен и животински свет што ја зголемува неговата амбиентална вредност.

На самата граница на националниот парк во близина на Охрид се и Билјанините извори кои се едно од најпосетените места на крајбрежјето.

Флора

Растителниот свет во паркот е исклучително богат и единствен. Во НПГ досега се евидентирани преку илјада растителни видови, од кој 176 од дрвенестата флора што претставува 58,4% од македонските автохтони дрвни видови (прилог 4). Од посебно значење за заштитата е присуството на голем број  реликти за кои Галичица во минатото често претставувала место каде наоѓале засолниште пред налетот на ледените периоди. Од нив најзначајни се оние кои потекнуваат од плиоценот и успеале да ги преживеат четирите ледени периоди на плеистоценот. Такви се Morina persica, Stipa mayeri, Ramonda nathaliae и Phelipaea boissieri и други.

 Истотака посебен интерес за заштитата се големиот број ендемски видови. На Галичица се присутни неколку типа на ендеми:

a)     балкански чии број е толку голем што нивното набројување би значело набројување на поголемиот дел од видовите кои се среќаваат на Галичица

b)     jужнобалкански чии број е многу голем, а посебно внимание заслужуваат следниве видови: Ajuga piskoi, Erodium guicciardii, Oxytropis purpurea, Astragalus baldaccii, Poa galicicae, Lilium heldreichii, Arabis bryoides и многу други

c)      локални кои можат да се сретнат само на падините на Галичица и никаде на друго место. Нивниот број во моментов е 14, но според сегашните индиции и интензитетот на проучување на флората во националниот парк нивниот број во иднина ќе се наголемува. Локалните ендеми се: Centaurea soskae, Crocus cvijici, Laserpitium ochridanum, Astragalus mayeri, Helichrysum zivojinii, Nepeta ernesti-mayeri, Alyssum galicicae, Thymus ciliatopubescens, Thymus skopjansis, Geranium cinereum, ssp. subcaulescens var. rupestris, Echinops bannaticus ssp.  Prespaensis, Centaurea galicicae, Dianthus galicicae и Sempervivum galicicum. 

Од не помало значење се и голем број на ретки растенија кои ги има и на друго место меѓутоа ретко се среќаваат или нивното присуство на Галичица е неочекувано. Интересен е примерот на Celtis glabra кој природно расте на планината Кафказ но истотака го среќаваме и на островот Голем Град во Преспанското Езеро кој е оделечен од Кафказ неколку илјади километри. 

Податоците за состојбата и распространувањето на популациите на растителните видови во НПГ во најмала рака се недоволни и фрагментарни. Посебно загрижува недостатокот на податоци за состојбата на популациите на видовите со мал опсег на распространување (пр. голем дел ендемските и реликтните видови).

Фауна

За разлика од флората фауната во националниот парк многу малку е проучувана. Ова особено се однесува на безрбетниците чии број е сигурно многу голем и кој е карактеристичен за оваа планина која со своите особености условува појава на висок биодиверзитет. За разлика од безрбетниците, рбетниците се евидентирани и делумно проучени. Во националниот парк застапени се 171 вид на рбетници без риби , од кои 10 водоземци, 18 влекачи, 124 птици и 19 цицачи.

 За одбележување е присуството на дивата коза, рисот и мечката  од цицачите  кои се реткост во останатите делови на Европа и големиот и малиот корморан и пеликанот од птиците кои природно го населуваат Преспанското Езеро и островот Голем Град.

 Заради  врската со Охридското Езеро пообемни проучувања се направени во водениот екосистем на извориштето кај манастирот Св. Наум и констатирано е присуство на некои ретки видови во него.

 Во моментот не постојат целосни податоци за состојбата и големината на популациите на позначајните животински видови во НПГ, но генерално може да се каже дека истите се во добра состојбата. Исклучок е популацијата на Балканскиот рис кој по пауза од 20 години повторно е забележан на просторот, но неговата бројност е далеку под биолошкиот капацитет на просторот. Исто така, за повеќе видови птици постојат индикации дека нивните популации значително се намалени во однос на предходниот период. Ова особено се однесува на грабливите птици и мршојадците и истото се деложи на драстично намалениот сточен фонд на просторот. 

Култура

Во паркот  има бројни споменици со големо историско и уметничко значење кои се една од силните причините за посета на паркот. Како составен дел на географскиот простор, културното наследство е слика за времето во кое e создавано. Спомениците на културата во паркот, покрај бројноста се карактеризираат и со голема разновидност па затоа се делат на неколку групи: археолошки локалитети, цркви, манастири, пештерни цркви и  споменици.

Еден од  спомениците во паркот, кој по своето значење спаѓа меѓу позначајните  од ваков вид не само во рамките на паркот и во регионот туку и пошироко, а истовремено е строго заштитените подрачја, е островот Голем Град.

Од групата цркви, манастири, пештерски цркви, на територијата на паркот регистрирани се следиве споменици: од спомениците од византиски стил со живопис од европско значење е црквата “Св. Богородица Заумска“  од 1361. На црквата се извршени конзерваторски интервенции и е во добра состојба достапна за посетители. Во с.Велестово, црквата “Св.Богородица“ која  е од XV век.

Од пештерските цркви под заштита се ставени: Црквата “Св.Богородица“ во с.Пештани  од XIV век, Црквата “Св.Богородица“ во автокампот Градиште, Црквата “Св.стефан која потекнува од средината на IX век која е со конзервиран живопис.

Од пештерските цркви кои сеуште не се ставени под заштита се: Црквата “Св.Петар и Павле“ на Преспанско Езеро, во близина на границата на Република Македонија со Република Албанија, Црквата “Св.Петка“, помеѓу с.Стење и  с.Коњско лоцирана на карпите на брегот на Преспанското Езеро, Црквата “Св.Илија“ близу с.Трпејца која е од XIV век .