Geologija

Фото галерија - Пештера Самотска Дупка

Планината Галичица е дел од Шарско-Пиндскиот систем на планини. Го зафаќа најјужниот дел од геотектонската единица на западно-македонската зона. Големите отворени површини кон Охридското и Преспанското Езеро кои ја ограничуваат од исток и запад, придонесуваат во нејзиното јасно визуелно одвојување како засебна целина. На север, масивот преку прегребенската долина на превалот Буково, продолжува во Плаќенска односно Илинска планина, додека на југ се спушта во Корчанско поле.
Денешната форма на релјефот основно се должи на тектонските активности по двата главни раседи: Коселско - Љубанишкиот и Отешевскиот. Покрај тоа, во конечното обликување на релјефот придонес имаат масивните варовници, радијалната тектоника и глацијалната и речната ерозија. Сето ова придонело Галичица да има развиен и интересен релјеф, со карактеристики кои ја одвојуваат од другите планини.
Планината има меридијански правец на протегање, при што надморската височина опаѓа кон север. Кон Охридската котлина, благодарение на Коселско - Љубанишкиот расед, планинските страни стрмно се отсечени кон Охридското Езеро. Со пределот доминираат неколку отсеци: Отсекот под врвот Магаро; Отсекот под врвот Лако Сигној; Отсекот под врвовите Бугарска чука. Отсеците по должината на брегот на Охридското Езеро, од хотелот „Десарет“ до месноста Ќоше, се издигнуваат директно од водите на езерото како абразиони клифови. Највисоки се оние кај црквата Св. Богородица Захумска, со височина од околу 200.m.
Билото на Галичица е широка флувиоденудациона варовничка површина, прекината со раседна линија од селото Лескоец на преспанската страна, до селото Трпејца на охридската страна. Овој дел е и најтесен на масивот, со широчина од 9,75 километри. Масивот, а со тоа и билото се најшироки помеѓу манастирот Св. Стефан и селото Горно Дупени, со вкупно 14,5 километри.
Раседната линија Лескоец – Трпејца го дели единствениот масив на два дела. Јужниот дел е познат како Стара Галичица, додека остатокот најчесто се нарекува Галичица. Северниот дел на Галичица, локалното население го дели на два дела, кои ги нарекува Петрино и Исток.
Надморската височина на планинскиот масив Галичица се движи од 695.m н.в. (нивото на Охридското Езеро), односно 850.m н.в. (нивото на Преспанското Езеро), до 2265.m н.в. на кота Ф10, на границата со Албанија. Апсолутната височинска амплитуда изнесува 1570.m, што овозможува развој на планински релјеф. Помаркантни коти кои доминираат со релјефот се: Ф10 – 2265 m н.в.; Магаро – 2254.m н.в.; Лако Сигној – 1984.m н.в.; Гога – 1737.m н.в.; Труглаш – 1264.m н.в.; Голем Осој – 1005 m н.в.; Пецилин – 1421 m н.в.; Самар – 1654.m н.в.; Калето – 1182.m н.в. и Вишесла – 1564.m н.в.
Карпестите маси кои се со различна старост и минералошки состав на овој масив можат да се групираат во следниве геолошки формации: (а) комплекс на палеозојски метаморфни и магматски стени; (б) комплекс на мезозојски седиментни стени и (в) комплекс на терциерни и квартерни седименти. Комплекс на палеозојски метаморфни и магматски стени ги опфаќа стените со најголема старост. Од овој комплекс најзастапени се Камбриум - ордевициските метаморфни карпи односно филитите. Филитите настанале со седиментација на глинест материјал и се одликуваат со свилест сјај поради многу големото учество на лискун. Комплексот на мезозојски седиментни стени во Паркот е претставен со тријаски седименти кои во градбата на масивот учествуваат со околу 70-75%. Ова е резултат на интензивните тектонски движења на овој масив. Дебелината на тријаските седименти изнесува од 600-700 m. Во склопот на тријаските седименти издвоени се две фации и тоа : (а) фација на кластични седименти (конгломерати) и (б) фација на карбонати и рожнаци (доломити, плочести варовници со рожнаци и масивни варовници). Конгломератите се развиени во базалниот дел на тријаските седименти. Карбонатно-рожначката фација е дебела околу 500 - 550 m. Изградена е од доломити, плочести варовници со рожнаци и масивни варовници. Масивните варовници имаат најголема застапеност и ја изградуваат хорстсинклиналата на Галичица. На повеќе локалитети масивните варовници лежат директно над плочестите варовници и се јавуваат како завршен член на карбонатно - рожначката фација. Меѓутоа, на одделни локалитети масивните варовници кои достигнуваат максимална дебелина од 500 - 550 m, директно лежат на кластичо-карбонатната фација, која овде е претставена со тенки слоеви на конгломерати и песочници. Комплексот на терциерни и квартерни седименти е најмлад и во него според староста се издвоени следниве видови седименти: (1) неогени седименти, (2) плеистоцени седименти и (3) холоцени седименти. Формирањето на неогените седименти започнува со формирањето на слатководните езера. Плеистоцените наслаги се широко распространети и претставени се со езерски и барски седименти, моренски и флувиоглацијални седименти, црвеница и бигор. Холоцени седименти се претставени со пролувиум, падински бречи, сипари и алувиум.
Геоморфолошки појави
Според морфометрис­ките карактеристики може да се истакне дека планината Галичица има изразито тек­тон­ски карактер (хорст), издигната помеѓу двата езерски басени. На планината Галичи­ца доминантни морфогенетски процеси кои учествувале или денес учествуваат во создавањето на релјефните форми се: карстниот, глацијалниот и пе­ри­глацијалниот.
Галичица преставува типично кар­стно подрачје на кое тријаските масивни и банковити варовници лежат преку кристалестите шкрилци. Тоа се терени кои долго биле изложени на дејствувањето на надворешните (егзогени) фактори, кои силно го иницирале процесот на карстификација. Се забележуваат микро и макрорелјеф­ни површински кар­ст­ни фор­ми, почнувајќи од шкрапи, бројни вртачи и скарстени су­водолици до карстни полиња. Од подземните карстни форми регистрирани се десетина пештери и две пропасти.
Карстни полиња - Најголемите површински карстни форми на пла­ни­ната Галичица се преставени со карстни полиња. Нив ги има четири и тоа: Суво Поле, Шарбојца (Асан Ѓура), Вардуљ и Ѓафа. Сите главно имаат меридијан­ски пра­вец на протегање какво што е протегањето и на планината Галичица. Дното на сите полиња е приближно на иста височина од 1480 до 1440 m н.в.
Суво Поле е најголемото карстно поле, со должина од 4,2 km и најго­ле­ма ши­рочина од 1 km. Има издолжена форма со две поголеми проширувања (за­рам­нини). Проширувањата се поврзани со низок и прилично широк пре­вал. Дното на полето од југ кон север се снижува, т.е. во јужниот дел е на ви­со­чи­на од 1480 m, додека во северниот на 1430 m. На западниот раб на полето се развиени голем број вртачи, додека на дното се сретнуваат хумови. Дното е покриено со резидиум и песокливи глини. На одделни делови на дното од полето на површината се јавуваат шкрилци.
Шарбојца (Асан Ѓура) е второ по големина карстно поле, со должина од 2,5.km и ши­рочина од 1,7.km. За разлика од претходното, карстното поле Шарбојца е разбиено со неколку хумови. Во средишниот дел на полето се издигнуваат пет хумови изграде­ни од поотпорни карпи, во вид на ритчиња. На дното на полето присутна е локва, како и еден бунар во близина на планинската куќа. Ниските делови на полето се под тревна вегетација, додека хумовите кои се издигнуваат за 10-15 m се голи.
Полето Вардуљ го чинат две проширувања со различен правец на протегање, меѓу себе одвоени со неколку ниски хумови. Првото про­­­ширу­вање има меридијански правец југ-север, додека второто е со правец југоисток - северозапад. Полето Вардуљ е долго околу 4,5 km, со најголема ширина од 0,8 km. По дното на полето се развиени вртачи, што укажуваат на интен­зивна карстификација.
Карстното поле Ѓафа е со меридијански правец на протегање. Долго е 4 km со најголема широчина од 1,4 km. На дното од по­лето има три локви и еден бунар. Карстните полиња на Галичица во поглед на постано­кот се полигенетски. Се формирале под дејство на флувијалната и карстната ерозија.
На планината Галичица се изградени десетина подземни карстни форми (пештери и пропасти). Наумова Пештера – е една од најинтересните регистрирани и испи­та­ни пеш­тери пок­рај брегот на Охридското Езеро. Се наоѓа јужно од селото Трпејца на стотина метри од месноста На Дол. Гледано во целина пештерата има полукружна форма. Вкупната должина на Наумовата Пеш­тера изнесува 27,7 m со површина на внатрешноста од 167 m2. Посебна карактеристика за оваа пештера е богатството на пештерските украси. Оваа пештера исто така претставува значајно живеалиште за некои видови лилјаци, особено малиот потковичар (Rhinolophus hipposideros). Пештера кај селото Лескоец (Преспа) се нао­ѓа во не­посредна близина на селото, односно под врвот Стрнина (1.107 m). Вкупната должина на пештерата изнесува 43 m, додека заедно со споредни­те пештерски канали, должината на пештерата достигнува 48 m. Таа е типичен пример на пештера во која бил присутен подземен во­ден тек кој денес не егзистира, односно истата е наполно сува и е од типот на су­ви, фосилни пештери. Оваа пештера исто така претставува значајно живеалиште за некои видови лилјаци, особено јужниот потковичар (Rhinolophus euryale). Самотска Дупка, ги над­минува останатите пештери на планината Галичица, не само по својата дол­жина од 224 m, туку и по останатите природни карактеристики. Се наоѓа на источната стра­на од скарстената долина Студино, во горниот дел на помал скарстен дол кој нап­речно се спушта кон Студино. Во близина на пештерскиот влез, кој е на 1.430 m н.в. присутно е големо количество блоковски материјал. Пештерата Самотска Дупка преставува мошне едноставен, но доста простран пештерски канал кој гледано во целина има правец на протегање југозапад-североисток. Вкупната должина на главниот пештерски канал из­несува 207 m, додека вкупната должина, заедно со споредните пештерски ка­нали достигнува 224 m. Пештерата во основа преставува фо­силна речна пештера, односно пештера низ која истекувал подземен воден тек.
Надморската височина на Галичица и погодната морфопластика овозможиле во текот на плеистоцентот на поедини делови да се акумулира мразна маса, што ре­зултирало во создавање на глацијален релјеф. На планина Галичица што се наоѓа на територијата на Република Македонија изградени се само два цирка. Овие маркантни циркови се наоѓаат јужно од превалот Липона Ливада (1.568 m) од­­носно помеѓу него и врвот Магаро (2.254 m). Цирковите се распоредени еден над друг и имаат североисточа експозиција. Дното на долниот (помал) цирк е на над­морска височина од 1.850-1.900 m, додека рабниот дел на 2.080 m. Циркот има елип­со­вид­но-амфитеатарска форма со широк и отворен излез од околу 400 m. Дно­то на гор­ниот цирк се наоѓа од 2.030-2.070 m, додека неговиот рабен дел е на 2.230.m н.в. Широчината на горниот цирк достигнува до 400 m. Него­ва­та дол­жина е значително поголема (800 m). Југозападниот и јужниот раб на циркот е преставен со стрмен, на места и вер­­ти­кален отсек, висок 130 m. Тријаските варовници во кој се изградени от­­се­ците на циркот подложни се на интензивно механичко (мразно) дробење.
Покрај двата цирка, типично глацијална форма во релјефот на Галичица e и еден помал валов. Тој започнува од излезот на горниот цирк и се движи кон север. Во крајниот југоисточен дел, од југ на валот се надоврзува скарстена долина, додека неговата западна страна во североисточниот дел е во контакт со долниот цирк. Про­­сечната широчина на валовот изнесува околу 400 m, додека неговата должина достигнува до 2 km. Моренски наслаги, како резултат на глацијалната ерозија незначително се забележуваат на дното на цирковите, додека на превалот Липона Ливада, каде всушност доаѓало до топење на мразната маса (1.550-1.650.m н.в.) натало­же­ни се значителни моренски наслаги.